Почитувани колеги, драги пријатели и деловни соработници,
Од името на Управниот одбор на Здружението на офталмолозите на Македонија ми претставува особена чест и задоволство да Ве известам и поканам да учествувате на 5-от Конгрес на офталмолозите на Македонија со меѓународно учество.
Овој пат конгресот ќе се одржи во Скопје во периодот од 30.09.- 01.10, во хибриден формат, за да овозможиме учество и на офталмолозите кои од различни причини не можат физички да присуствуваат во Скопје.
И за овој конгрес направивме напори да поканиме атрактивни и еминентни предавачи и експерти во своите подрачја, кои ќе го привлечат и задржат Вашето внимание.
Ваквиот начин на организација на конгресот е еден од начините на адаптација со кои научивме да живееме во изминатите две години соочени со општествените, здравствени, социјални, па и ментални предизвици кои ни ги донесе пандемијата на Covid 19.
Во целосно изменетите животни и професионални услови, Ве покануваме да се вратиме на взаемните дружења преку размена на нови идеи, искуства, дијагностички и хируршки процедури, а воедно да се потсетиме на старите пријателства и спомени и да создадеме нови, “пандемиски”, но не помалку значајни.
Се надевам дека ќе ни се придружите на 5-от Конгрес на офталмолозите на Македонија со меѓународно учество во Скопје.
Ви посакуваме добредојде и Ве очекуваме во септември!